Стандард и пурс: кредитен рејтинг ББ-со стабилни изгледи

Bez autora
Aug 04 2024

Македонската економија во 2024 година се очекува да забрза до ниво од 2,5 отсто и да достигне три проценти до 2027 година, јавниот долг да остане умерен и да се стабилизира на 57 проценти од БДП до 2027 година, а буџетскиот дефицит за годинава е ревидиран на 4,9 проценти и се очекува од 2025 година да се зајакнат напорите за фискална консолидација согласно Законот за буџети.

Ова го констатира Агенцијата за кредитен рејтинг „Стандар и пурс“ во најновиот извештај со кој земјата го задржа кредитниот рејтинг ББ- со стабилни изгледи.

„Стандард и пурс“ во извештајот наведува дека земјата забележа стапка на раст од 1,3 проценти во 2023 година, продолжувајќи го ваквиот тренд од последните две години, поради слабата надворешна побарувачка и инвестиции. Поконкретно, во извештајот се констатира дека „во првиот квартал од 2024 година, економијата забележа раст од 1,3 проценти на годишно ниво, што е доминантно поттикнат од инвестициите, особено јавните инфраструктурни проекти“, кои според Агенцијата и во наредниот период ќе бидат двигатели на економскиот раст. Ризиците кои може да влијаат на намалување на растот се поврзани со неизвесното економско окружување во ЕУ и потенцијалот за зголемување на цените на суровините поттикнати од глобалните геополитички тензии. Сепак, очекувањата на Aгенцијата се растот да закрепне и да достигне три отсто до 2027 година поттикнат од очекуваното зголемување на надворешната побарувачка и зајакнување на кредитната активност.

Како што соопшти Министерството за финансии, и покрај слабиот економски раст, „Стандард и пурс“ нотира дека постигнато е значително намалување на стапката на невработеност, која е намалена на ниво од 12,9 отсто во првиот квартал од 2024 година и дека таквиот тренд ќе продолжи и во иднина поддржан од приливот на странски директни инвестиции. Ризик на кој се посочува е високото ниво на емиграција, значителниот неформален сектор и недостигот на квалификувана работна сила.

Исто така, во извештајот се нотира дека послабите изгледи за економскиот раст за оваа година се пресликуваат и во ревидираниот буџет кој се фокусира на пораст на пензиите, платите и сервисирање на долговите, и намалување на другите расходи, а воедно буџетскиот дефицит за 2024 година е ревидиран на ниво од 4,9 проценти. Значајно, според „Стандард и пурс“ е почитување на Законот за буџети и понатамошна фискална консолидација. Во периодот 2024-2027 буџетскиот дефицит во просек е проектиран на 3,5 проценти од БДП. При тоа клучни предизвици на кои се упатува во извештајот се неформалниот сектор и зголемени трошоци за инфраструктурните проекти.

Клучно според „Стандард и пурс“, како што соопшти МФ, е да се продолжи со обезбедување силен економски раст и спроведување на структурните реформи. Примарна агенда на Владата, нотира Агенцијата, се сеопфатни реформи насочени кон ревитализација на институциите, борба со корупцијата и почитување на владеењето на правото. Клучна цел е економскиот раст, поставен на пет отсто, поттикнат од големите инфраструктурни проекти, привлекување нови инвестиции, зајканување на наплатата на даноците и зголемување на приходите, зголемување на пензиите и платите.

Кредитниот рејтинг, кој го изготвуваат Агенциите за кредитен рејтинг го покажува степенот на ризик од инвестирање и е еден од клучните индикатори коишто потенцијалните инвеститори ги земаат предвид при носење на нивните одлуки. Кредитниот рејтинг на земјата го оценуваат „Стандард и пурс“ и „Фич“ двапати во годината, додаваат од Министерството за финансии.

Ocenite tekst
Komentari
Prikaži više 
 Prikaži manje
Ostavite komentar

Prijavite se na Vaš nalog


Zaboravili ste lozinku?

Nov korisnik